Нафтата на берзите поевтинува седум недели по ред

На светските берзи цената на нафтата падна и минатата недела, седми пат по ред, бидејќи поради слабоста на економиите можен е натамошен пад на побарувачката на „црното злато“.

На лондонскиот пазар цената на барелот минатата недела падна за 3,9 отсто, на 75,84 долари, додека на американскиот пазар цената на барелот падна за 3,8 отсто, на 71,22 долари.
Пад на цените седум последователни недели не е забележан од 2018 година.

Во четвртокот, цените на нафтата на двата пазари паднаа на најниско ниво од крајот на јуни, но скокнаа за повеќе од 2 отсто во петокот, намалувајќи ги неделните загуби.

Неодамна, Организацијата на земјите извознички на нафта (ОПЕК) и нејзините сојузници одлучија да го намалат производството во првиот квартал од следната година за приближно 700.000 барели дневно.

Но, тоа не ги поддржа цените на нафтата, бидејќи компаниите во САД произведуваат рекордни количини барели, а увозот на кинеската нафта опаѓа, што значи дека понудата е обилна, вели Тамас Варга од PVM.

Цените во моментов се поддржани само од верувањето на трговците дека централните банки на западните земји го завршија циклусот на зголемување на каматните стапки, со оглед на тоа што инфлацијата се намалува.