Нафтениот гигант тргнува во производство на литиум

Американскиот нафтен гигант „Exxon Mobil“ објави дека ќе започне со ископување на литиум во САД во 2027 година за да ги обезбеди резервите на клучниот метал што се користи во батериите и електрониката на електричните автомобили.

Компанијата ќе извлекува литиум од солените подземни води во сојузната држава Арканзас, позната по своите значајни наоѓалишта на литиум, за да обезбеди домашен извор на снабдување, се вели во соопштението објавено во понеделникот.

Во „Exxon Mobil“ планираат да снабдуваат со литиум повеќе од милион електрични возила годишно и да стане водечки снабдувач со металот до 2030 година.

Претседателот на деловниот оддело „Low Carbon“ на „Exxon Mobil“, Ден Аман, не откри колку компанијата има намера да инвестира во бизнисот со литиум или кога би можел да стане профитабилен. Аналитичарите од финансиската компанија „TD Cowen“ проценуваат дека ќе треба да инвестираат околу две милијарди долари за производство на 50.000 тони литиум, со потенцијален профит од 800 милиони долари.

Најголемата американска нафтена компанија објави дека ќе користи конвенционални методи на дупчење што се користат за екстракција на нафта и гас, а потоа ќе ја насочи технологијата на екстракција за да го оддели литиумот од солената вода.

Покрај тоа, ќе ги здружи силите со партнерот „Tetra Technologies“, ќе произведува литиум на рударската локација и ќе го продава под брендот „Mobil Lithium“.