Кошаркарите на Денвер Нагетс ноќта кон средата во третиот натпревар од финалето на Западната конференција во НБА лигата во Орландо со 114:106 ги победија Лос Анџелес Лејкерс и намалија на 1-2 во серијата до четири победи.
Нагетс до победата ги предводеше Џамал Мареј со 28 коша и 12 асистенции, а го следеше Џерејми Грант со 26 коша што е негово најдобро остварување во кариерата во постсезоната. Центарот Никола Јокиќ додаде 22 коша и 10 скокови.
Кај Лејкерс, пак, најдобар беше Леброн Џејмс со 30 коша на кои додаде и 10 скоковои и 11 асистенции. Го следеше Ентони Дејвис со 27 поени.
На малку повеќе од десет минути до крајот Лејкерс имаа заостанување од 77:97, но направија серија од 19:2 и дојдоа до 96:99 на шест минути пред крајот.
Со положувањето на Џејмс, Лејкерс дојдоа на заостанување од 98:101 на пет и пол минути до крајот, но потоа кошаркарите од Лос Анџелес не погодија во следните пет обиди, од кои четири беа за „тројка“.
Денвер ја сочува контролата над играта, а Мареј го заклучи прашањето на победникот со „тројка“ на малку повеќе од две минути пред крајот за водство во 106:99 и со погодокот на 53,3 секунди пред звукот на сирената.
Четвртиот натпревар се игра во четврток.