Награда од ОМД за Милчо Манчевски

Награда од ОМД за Милчо Манчевски
Награда од ОМД за Милчо Манчевски
Режисерот Милчо Манчевски е одликуван со награда за македонско културно наследство од Обединетата македонска дијаспора (ОМД) која ќе му биде врачена на гала-вечер на 14 ноември во Чикаго.
 
На Универзитетот на Чикаго, пак, последниот филм на Манчевски „Мајки“ ќе биде дел од научна конференција за македонски студии, а авторот ќе учествува во дебатата. На научната конференција од 12-ти до 14 ноември ќе учествуваат реномирани лингвисти, слависти, историчари, антрополози и литературни истражувачи од областа на македонските студии. Конференцијата се одржува веќе 25 години на секои три години.
 
Изминатава недела во Торонто се одржа ретроспектива на филмовите на Манчевски. На 10-то издание на Македонскиот филмски фестивал беа прикажани „Пред дождот“, „Прашина“, „Сенки“ и „Мајки“, а Манчевски одржа и мастер-клас на Универзитетот Јорк во Торонто.
 
Истовремено, со проекција на „Мајки“ во Бразил заврши ретроспективата на Манчевски која почна на крајот на август. Неговите филмови „Пред дождот”, „Прашина”, „Сенки” и „Мајки” беаприкажани како дел од едукативната и културна програма „Human Rights Cinedebate“ на Федералниот Универзитет на Рио Гранде до Сул, еден од најголемите бразилски универзитети.