Холивудските продуценти во саботата наградата за животно дело му ја доделија на актерот Том Круз, а за најдобар го прогласија авантуристичкиот филм „Сѐ во исто време“ (Everything Everywhere All at Once) кој ја третира идејата на паралелните Вселени, на една од клучните свечености за доделувања на наградите во пресрет на Оскарите во март.
Здружението на американските продуценти PGA на Том Круз му ја додели наградата за животно дели, а неколкумина од говорниците му се заблагодарија на актерот затоа што со својот настап во минатогодишниот блакбастер „Top Gun: Maverick“ ја поддржал филмската индустрија загрозена од пандемијата на коронавирусот.
„Том Круз на сите ни покажа дека одењето во кино е повторно тука“, рече во својот вовед Шери Ленсинг, поранешна управителка на компанијата за производство и дистрибуција на филмови „Paramount Pictures“.
Шеесетгодишниот Круз се прослави инаку како актерска ѕвезда во филмовите „Ризична работа“, „Коктел“, „Малку добри луѓе“. А ги продуцираше филмовите „Небо од ванила“, „Невозможна мисија“ и „Маверик“, кој на светските кино-каси заработи веќе 1,5 милијарда долари.
Откако ја прими наградата Круз ги поздрави телевизиските и филмските продуценти во публиката.
„Знам што е потребно за да се прави тоа што вие го правите. Тоа не е само среќата. Морате да ја создадете таа среќа. Мора тоа да го сакате за да се оствари. И сакам да знаете дека секогаш ќе навивам за вас. Ќе продолжам да правам сѐ што можам за да ѝ помогнам на индустријата и на оваа форма на уметност која ја сакам“, рече Круз.
Филмот „Сѐ во исто време“ е прогласен за најдобар изминатата година, што потенцијално му е потребно да добие поддршка на доделувањето на Оскарите на 12-ти март. Имено, четири од петте претходни добитници на наградата на PGA подоцна освоија Оскар за најдобар филм, вклучително и минатогодишниот семеен драмски филм „CODA“.
„Сѐ во исто време“ е приказна за кинеско-американска сопственичка на пералница за алишта која патува низ паралелните светови.
„Ова е лудило! Многу ви благодарам“, изјави продуцентот Џонатан Ванг, придружуван на сцената од актерите веќе номинирани за Оскари, Мишел Јео Чу-Кен, (Џонатан) Ке Хуи Кван, Стефани Ен Хсју и Џејми Ли Кертис.