Актерката Дарија Ризова ја доби наградата за најдобро актерско остварување на 30. издание на Фестивалот на камерен театар „Ристо Шишков“, кој вечерва заврши во Струмица. Таа е наградена за улогата на Маша во претставата „Нема да биде крај на светот“ по текст на Аднан Лугониќ, во режија на Нина Николиќ, копродукциска претстава на Македонскиот народен театар, Перипетија продукција-Скопје и Сараевскиот воен театар САРТР- Сараево.
Наградата на Ризова, која се состои од златен медалјон со ликот на Шишков и парична награда во износ од 1.500 евра, и ја врачи претседателот на Советот на Општина Струмица, Марјан Даскаловски.
Одлуката на фестивалското жири ја образложи претседателката, ланската лауретка, Звездана Ангеловска, во кое покрај неа играта на актерите ја оценува и актерите Нико Горшиќ и Петар Арсовски.
-Дарија Ризова со улогата на Маша дејствува исклучително со актерската игра на сцената за камерен театар, со гола и суштетствена игра на самата сцена, ослободена и речиси без никакви концептуални решенија и ефекти што дотолку повеќе доаѓа до израз нејзината актерска игра во целост каде со редуцирани изразни средства таа покажува искличително силна, моќна и ефектна актерска експресија со внатрешен емоционален набој. Исто така, нејзината свесност за сценско присуство ја потврдува прецизноста при креирањето на улогата и умереноста во камерната игра, чувството за партнер поткрепено од сиот нејзин актерски сензибилитет, кој истовремено е младешки и бунтовен, а кој е неверојатно топол, мек, искрен и современ, рече Ангеловска.
Лауретката Дарија Ризова рече дека оваа награда е од големо значење за неа и и претставува привилегија.
-Сакам да се заблагодарам на сите мои блиски луѓе за нивната неизмерна поддршка, на мојата мајка која секогаш ме советуваше да изберам професија којашто навистина ќе ја сакам и ќе ми гори срцето за неа, рече Ризова по добивањето на наградата.
Жирито им додели специјални награди на актерите Фаик Мефаиловски, Огнен Дранговски и Илина Чоревска, режисерот Васил Христов и на претставата „Злосторство и казна“ во изведба на Драмски куклен тетар од Враца, Бугарија.
Во чест на наградената актерка на затворањето на Фестивалот беше одиграна балетската претстава „Болеро“ од Морис Равел во кореографија на Саша Евтимова во избедба на Македонската опера и балет.