Центарот за меѓукултурен дијалог во соработка со Европскиот институт од Бугарија ги додели наградите на младите кои конкурираа на темата „Моја бизнис идеја“ во рамки на проектот „Е-регион, можност за развој“.
Oд примените идеи од Македонија, прва награда доби Викторија Крстеска со иновативна идеја за веб-апликација која ќе помогне да се следат попустите и понудите од македонската и бугарската страна на границата. Втора награда на конкурсот доби идејата на Николчо Гошев кој предложи курсеви за онлајн-учење и поддршка за нови бизниси.
– Конкурсот имаше цел да ги развие претприемачките иницијативи за да ги поддржат младите да ја претворат својата бизнис-идеја во реалност. Потрагата по иновативни, ефективни и одржливи бизнис идеи заврши со избор на најдобрите, изјави Милош Ристовски од ЦИД.
Тој појасни дека проектот има за цел подобрување на социјалната кохезија во меѓуграничниот регион на Македонија и Бугарија преку развој на онлајн алатки и промоција на претприемништво.
Проектот се спроведува во рамки на ИПА-програмата за меѓугранична соработка Македонија-Бугарија, при што се спроведуваа онлајн-обуки за претприемништво и вештини за вработување.
Од Центарот за меѓукултурен дијалгог информираат дека во иднина ќе продолжат со нови проекти бидејќи, според нив, се уште недоволно е искористен потенцијалот на е-претпримништвото во двата региона.