
Професорката Мирјана Најчевска на својот Фејсбук профил објави статус во кој тврди дека градоначалниците на општината Аеродром Златко Марин и на Скопје Петре Шилегов лажат.
Градоначалниците на општината и на градот лажат. На 15.01.2018 изгласан е Законот за урбано зеленило (http://www.sobranie.mk/materialdetails.nspx…). Според овој закон постои посебна постапка во која секој оној кој сака да пресече дрво на сопствениот имот треба претходно да добие дозвола за тоа.
Член 29
(1) Постапката за утврдување на потребата за сечење, односно кастрење на оштетено дрво, како и за дрво за кое надлежната служба ќе утврди потреба за негово сечење, односно кастрење, започнува со барање на физичко, правно лице или по службена должност. (2) Врз основа на поднесеното барање од ставот (1) на овој член, општината или градот Скопје должни се да донесат решение со кое ќе ја утврдат потребата за сечење, односно кастрење на оштетеното дрво, и на видливо место се обележува дека дрвото е за сечење или кастрење со црвена боја на височина од 130 сантиметри (сечење: “С” или кастрење: “К”).
(3) Со решението од став (1) на овој член се определува извршителот и рокот во кој истото ќе се спроведе, согласно со Правилникот од од член 12 став (3) од овој закон.
(4) Против решението од ставот (3) од овој член може да се поднесе жалба до Министерството за животна средина и просторно планирање.
Значи, или тој што ги исекол дрвјата го прекршил законот и треба да биде казнет или е издадена дозвола што одговорноста ја поместува кон локалните власти.
Или, кој лаже тој и краде и …, пишува Најчевска во својот најнов пост на Фејсбук.
Инаку дрвјата во скопската општина Аеродром, на парцела кај „Тобако 2”, за што граѓаните реагираат веќе подолго време, се исечени со одобрение од Град Скопје, велат од кабинетот на градоначалникот Петре Шилегов за „Лидер“.
Инвеститорот на објектот до Град Скопје поднел барање за одобрение за сечење на дрвјата во функција на подготовка на опарцелата за градба. Со барањето има поднесено правосилно решение за градба, таканаречена градежна дозвола за предметната локација и Град скопје е обврзан да му издаде одобрение за сечење на садниците. Инвеститорот се обврзал по завршувањето на градбата да засади нови садници, вели портпаролот на Град Скопје, Ваљон Салиху во изјава за Лидер.
Инаку, изведбата на зградата ја прави фирмата Специјал Градба. Нејзиниот сопственик е Кочо Стојчески, бизнисмен и раководител на сектор за локален економски развој во општина Центар.
Во време на градоначалникот Андреј Жерновски, Стојчески беше унапреден од хаусмајстор во инспектор во Центар. Тој беше потпишан и зад инспекцискиот надзор на белата палата на ВМРО-ДПМНЕ. Во изјава за нашата редакција вели дека нема конфликт меѓу неговите бизниси и државната работа.
Вчера, градоначалникот на општина Аеродром, Златко Марин, изјави дека е приватна парцелата каде вчера се сечеа дрва за да се гради станбено деловен комплекс. Во изјава за „1ТВ“ Марин тврди дека бидејќи е парцелата приватна, општината нема надлежност.
Според видео објавено на социјалните мрежи вчера попладне беше уништена зелена површина кај „Тобако 2“ во Аеродром. Тешка механизација ги сечеше и откорнуваше дрвјата за да го подготви просторот за градежни активности. Под дрвјата до сега имаше парк со детски реквизити.
Според информативната табла на локацијата, инвеститор на објектот кој треба да почне да се гради е „Порта Инжинеринг Груп“. Изведувач на работите е фирмата „Специјал градба“. Одобрението за градење е издадено на 4-ти април оваа година.