Студијата за гасификација на Скопје е готова и предадена во Министерството за транспорт и врски и може да се очекува веќе до крајот на овој или во почетокот на идниот месец да биде распишан тендер за избор на компанија што ќе добие концесија за изградба на гасоводната мрежа во целото подрачје на главниот град, односно во сите 17 општини што влегуваат во скопскиот регион, пишува „Дневник“.
Ако претходно се размислуваше за варијанта секоја општина самостојно да се грижи за гасификацијата и да се формираат локални дистрибутивни компании, по направените анализи е утврдено дека најреална и најисплатлива варијанта, која може да обезбеди наоѓање инвеститор, е гасификацијата да се врши регионално.
„Имено, анализата покажа дека ако се оди на изградба на општински мрежи, ќе се случи само мал дел од нив да бидат гасифициран, бидејќи некои, поради поголемата потрошувачка и помалите инвестиции, би биле интересни за идните инвеститори, а другите би биле неатрактивни. Па во студијата се предлага првиот регион да е скопскиот, во кој е една третина од вкупниот потенцијален консум во земјава, потоа западниот, кој ќе ги опфаќа општините од западниот дел на земјата, каде што има многу капацитети што можат да бидат корисници на гасот, а во третиот би биле преостанатите општини“, пишува весникот.
Со оглед дека Скопје веќе има пристап до гасот, се очекува некаде до јуни да заврши постапката за избор на компанијата што би ја изградила гасоводната мрежа и која би била дистрибутер на гасот во овој регион. Веднаш потоа би можеле да се бараат концесионери и за другите два региона во кои, додека не се изгради националната гасоводна мрежа, би можело да се користи компримиран гас.
Студијата предвидува во првата година по доделување на концесијата во главниот град да нема приклучувања, односно да се гради примарната мрежа за да може да се почне со првите приклучувања, а со истото да се продолжи и во следните години. Целосната гасификација на регионот се проценува дека би завршила за четири години. Сево ова би било инвестиција од околу 100 милиони евра, при што и фирмите и граѓаните ќе можат да добијат затоплување, кое во старт, со моментните цени на природниот, ќе биде за 20 до 25 отсто поевтино.
Дополнително, со оглед дека скопскиот регион годишно ќе користи околу 150 милиони кубни метри гас, може да се очекува обезбедување и на пониски цени на овој енергент, што ќе значи и уште поевтино затоплување.
„Гасот е енергетски најисплатливо гориво за затоплување бидејќи ќе доаѓа до објектите со што нема да се создаваат загуби во преносот, кои се сега присутни во топлификациската мрежа. Имено, сегашното парно е исплатливо ако се испорачува на оддалеченост до 4 километри од постојните топлани. Kолку објектите се подалеку, толку се поголеми загубите во преносот, а истовремено тоа значи и полош квалитет на греењето“, велат извори на „Дневник“.
Студијата предвидува во главниот град паралелно да работат двата система за греење, сегашниот на БЕГ и новиот базиран на гасот, со тоа што се очекува дека конкуренцијата ќе придонесе за паѓање на цените на парното, бидејќи корисниците, било да се стопански објекти или објекти за домување, ќе имаат можност да избираат затоплување.
Во колективните згради приклучокот ќе чини 100 евра.
Приклучувањето на гасификациската мрежа на становите во колективните станбени згради најверојатно ќе чини 100 евра. Овој износ, со оглед на пониските сметки за затоплување во однос на сегашните, станарите ќе си го повратат за помалку од две години. Надоместокот што ќе се плаќа за индивидуалните станбени објекти ќе биде повисок и времето на поврат на инвестицијата ќе биде две до три години, а пресметките покажуваат дека инвестицијата за приклучокот фирмите би ја вратиле за две години.
Во студијата се предлага од идниот концесионер да се бара во колективните станбени згради, секаде каде што е тоа можно, да се поставуваат распределници со што корисниците ќе можат да одлучуваат колку, како и кога ќе се греат и со тоа да штедат, а не како што е сега, сметките да зависат од она што е потрошено на ниво на зграда.
За тоа дали ќе останат корисници на сегашното парно или ќе се префрлат на затоплување на гас станарите ќе носат одлука на ниво на зграда.