Новата џамија и исламски центар, чиј камен-темелник за градба беше положен минатиот вторник во населбата Топанско Поле во скопската општина Чаир, ќе бидат најголем верско-просветен центар на Исламската заедница во Македонија, пишува Дневник.
Ова произлегува од големината на комплексот, во кој првпат во праксата за градба на исламски верски објекти на едно место ќе се изградат како голема џамија така и повеќе други придружни објекти. Kако што беше најавено на свеченоста, на која присуствуваа поглаварот на ИВЗ, реис-ул-улема Сулејман Реџепи, и градоначалникот на општина Чаир, Изет Меџити, новата џамија ќе има трапезоидна форма, која ќе има и четири минариња. Освен ова, составен дел од комплексот ќе бидат и образовен и научен центар со амфитеатар, библиотека, читалница…
Предвидено е овие содржини да се користат за едукација на студентите кои ја изучуваат исламската теологија. Изградбата на толку голем верски комплекс се вклопува во трендот на градењето големи исламски објекти како во нашата земја така и во непосредното соседство. И покрај обидите вчера во ИВЗ и во Општина Чаир не успеавме да добиеме информација за тоа колку ќе изнесува вкупната површина на новиот исламски центар во оваа скопска општина. Непознато е исто така од кои с` извори ќе бидат обезбедени средства за неговото завршување. ИВЗ досега градеше главно само индивидуални верски објекти – џамии, без да се форсира градбата на комбинирани комплекси. Ова верска заедница, познато е, има свои образовни институции во скопското село Kондово каде што веќе повеќе децении функционираат Исламскиот теолошки факултет и Медресата како средно верско училиште.Според објавените планови за изгледот на комплексот, лесно може да се забележи дека тој ќе зафаќа поголема површина отколку што ја имаат големите џамии како во Скопје така и во внатрешноста на земјата – Мустафа-пашината џамија, Султан-Муратовата џамија, Јахја-пашината џамија или, пак, џамијата во Битола и во други градови. Инаку, Општина Чаир последниве години е место каде што често се организираат разни исламски теолошки предавања, често и на отворениот простор на чаирскиот фудбалски стадион.
Инаку, во нашата земја има околу 1.900 православни цркви и околу 600 џамии. Во последните направени анкети мнозинство од граѓаните изјавуваа дека во земјава веќе имаме доволно верски објекти, пишува Дневник.
Натпревар со најголемите џамии на Балканот
Почетокот на градбата на новиот исламски комплекс се надоврзува на градбата на големи исламски верски објекти во регионот. Познато е, пред две години во Приштина, Kосово, беше поставен камен-темелник за изградба на, како што се тврди, најголемата џамија на Балканот. Мегаџамија се планира да се гради и во Нови Пазар, Србија. Голема џамија исто така се гради во Сараево, БиХ, при што и за неа се наведува дека ќе биде меѓу најголемите на Балканот бидејќи ќе се простира на 4.500 квадратни метри.
Но, и таа ќе биде комплекс што ќе вклучува и административни простории за Ријасетот на ИВЗ на БиХ. Во Сараево веќе постои една од најголемите џамии изградена како донација на саудискиот крал Фахд, по кој е и наречена.Пред неколку месеци медиумите во Србија објавија дека во Белград, пак, ќе се гради најголемата џамија на Балканот во рамките на проектот „Белград на вода“, кој го финансираат Обединети Арапски Емирати. Според пишувањата, градбата на џамијата било услов да се финансира овој голем проект. Темелите за една од најголемите џамии на Балканот се поставени и во Тирана, Албанија, пишува Дневник.