Подготовките за Најголемото оро во светот се во тек, но истото ќе се игра две недели подоцна, односно на 10 мај, сабота, напладне, наместо на планираниот датум, 26 април.
„Причината за поместувањето на датумот е што судиите на Гинис не можат да дојдат на претходно закажаниот датум, туку дури по две седмици.Исто така, нашите метеоролошки информации велат дека во претстојниот период од неколку дена ќе имаме обилни врнежи, а доброто време е еден од најважните фактори овој потфат да успее.Организационите подготовки се во тек. Речиси е затворена конструкцијата за начинот и видот на транспорт на сите учесници од Македонија,“ информираше директорот на НУ „Танец“ Зоран Џорлец за текот на подготовките од нивна страна и подготвеноста „Танец“ не само да го предводи Најголемото оро во светот, туку и по самиот настан да одржи бесплатен едноиполчасовен концерт на отворената сцена во Охрид.
Поместувањето на датумот влијаеше за извесни промени во тековната концертна агенда на ансамблот, но направени се сите напори таа да се усогласи со новиот датум.
„Поддршката за орото доаѓа веќе и од светот. Имено, овој настан е првиот во нашата земја што доби официјална поддршка и од претседателите на Светската и на Европската туристичка организација. Г. Талеб Рифаи, претседател на СТО со воодушевување ја поздрави идејата како вистински начин на туристичка промоција на Македонија и вети дека снимката на Најголемото оро во светот ќе ја постават и на нивниот портал,“ изјави Елена Кавракова.