Најмалку 19 убиени во нападот врз хотелот во Кабул

Вооружените напаѓачи во воени униформи кои упаднаа во саботата ноќта во хотелот „Intercontinental“ во авганистанската престолнина Кабул и во текот 12 часа им даваа отпор на авганистанските специјалци убиле најмалку 19 луѓе, а раниле уште 12, но конечниот број на жртвите може да биде и поголем.

Портпаролот на авганистанското министерство за здравство изјавил во неделата попладнето дека во градските болници биле донесени 19 тела, а утврдено е дека меѓу жртвите шест се странски државјани, пренесува Reuters. Додал дека бројот на загинатите може да биде и поголем.

Локалната воздухопловна компанија „Kam Air“ соопшти дека од околу 40 нејзини пилоти и членови на екипажи кои отседнале во хотелот, а многу од нив се странци, дури 10 се убиени. Заменикот директор на компанијата изјавил дека сѐ уште се обидуваат да го лоцираат персоналот. Според локалните медиуми, меѓу убиените има Венецуелци и Украинци.

Сите пет напаѓачи се убиени, информирал портпаролот на министерството за внатрешни работи. За агенцијата AFP портпаролот Насрат Рахими рекол дека 14 од убиените се странски државјани.

Повеќе од 150 гости успеале да побегнат кога оган зафатил делови од хотелот. Некои врзувале чаршафи и така се спуштале од прозорците и балконите од повисоките катови, а други биле спасени од авганистанските војници.

Одговорноста за нападот ја преземаа талибаните, кои истиот хотел го нападнаа и во 2011 година, кога беа убиени 21 човек.

Нападот врз луксузниот хотел во Кабул беше завршен во неделата утрото по 12 часови отпор од вооружената група којашто упадна во хотелот во саботата ноќта по експлозија и потоа неселективно пукајќи во гостите и персоналот. Во текот на ноќта специјалните сили со помош на силите на НАТО постепено ја преземаа контролата над катовите.

Хотелот „Intercontinental“, еден од двата хотела со пет ѕвездички во главниот град на Авганистан, е место каде што се организираат скапи венчавки, конференции и политички собири.