Најмалку 21 лице загина во воздушни напади во Идлиб и Алепо

Најмалку 21 лице загина, од кои девет деца, во воздушни напади на сириските сили во провинциите Идлиб и Алепо, соопшти опозициската Сириска опсерваторија за човекови права.

Провинцијата Идлиб е последно упориште на бунтовниците под контрола на групата Хајат Тахрир ал-Шам, поранешен огранок на Ал Каида.

Во исто време, помошничката на генералниот секретар на ОН за хуманитарни прашања Урсула Милер предупреди дека понатамошни воени операции во провинцијата Идлиб во северозападниот дел на Сирија ќе ги надминат сите напори за помош и оти се проценува дека во последното упориште на бунтовниците живеат три милиони луѓе кои се наоѓаат „на линија на огнот“.

Милер во Советот за безбедност на ОН синоќа рече дека само овој месец, поради артилериски оган и бомбардирања од воздух, се регистрирани повеќе од 160 смртни случаи меѓу цивили и раселување на околу 270.000 луѓе.

Таа рече дека се прекинати хуманитарните операции во многу подрачја каде се активни судири.

Според неа, тоа вклучува суспензија на здравствените, прехранбените и службите за заштита кои претходно поддржувале околу 600.000 луѓе, вклучувајќи и 21 центар за имунизација кои престанале да работат.

Милер информира дека тоа вклучува и најмалку 49 здравствени установи кои во целост ги суспендирале или делумно ги запреле активностите поради безбедносни причини.