Најмалку 22 лица загинаа, а над 59 се повредени доцна синоќа во Манчестер во две експлозии што се случија за време на концерт на американската поп – пејачка Аријана Гранде, јавуваат британските медиуми.
Веднаш по инцидентот на местото на несреќата пристигнале бројни полициски и специјални екипи за детонирање на експлозивни направи со кучиња трагачи како и голем број возила на брзата помош, јавува Гардијан.
Според изјави на очевидци веднаш по експлозиите во концертната арена на Манчестер настанал хаос. Луѓето во паника почнале да бегаат и да го напуштаат местото на инцидентот.
Полицијата ги потврди информациите во медиумите и истакна дека иако причината за експлозиите останува непозната настанот ќе го третира како можен терористички напад и ги предупреди граѓаните да го избегнуваат местото на инцидентот.
Според дел од медиумите можно е да се работи за бомбаш самоубиец но нема официјална потврда на овие информации.
Иан Хопкинс кој е шеф на полицијата во Манчестер, изјавил дека властите веруваат дека нападот е изведен од страна на еден бомбаш самоубиец со импровизирана бомба, и дека бомбашот загинал во нападот.
По нападот на Твитер се огласила и Аријана. Taa во твитот им се извинува на своите обожаватели.