Најмалку 24 луѓе ги загубиле животите во бомбашки напад за кој е осомничена екстремната исламистичка секта Боко Харам во и околу џамија во источната нигериската сојузна држава Адамава, соопшти во вторникот полициски претставник, но други извори посочуваат на најмалку двојно поголем број жртви.
Според портпаролот на полицијата на округот, Отман Абубакар, двајца терористи осомничени дека се припадници на исламистичкото движење Боко Харам, кое пред две години и изјави лојалност на џихадистичката организација Исламска држава, ги активирале своите експлозивни појаси во џамија и на преполниот пазар пред неа во Муби, град на околу 200 километри од главниот град на сојузната држава Јола во вторникот.
„Засега бројот на жртвите изнесува 24“, рекол Абубакар.
Според други неофицијални извори, пак, бројот на жртвите е далеку поголем. Припадник на спасувачката служба, Сани Какале изјавил дека биле извлечени „најмалку 42 тела и 68 повредени“ кои биле однесени во болница во негово присуство. Неименуван извор за агенцијата AFP, пак, рекол дека „досега има 37 тела и десетици ранети“, од кои голем број во критична состојба биле примени во болниците.
Очевидец рекол дека првиот бомбаш успеал да се помеша со верниците, кои се собирале за молитва во џамијата на крајот од пазарот, и го активирал експлозивот „пет минути пред да започне молитвата“. По првата експлозија, верниците во паника се упатиле кон делот на пазарот во кој се наоѓале касапници, каде што вториот бомбаш се разнел меѓу верници, трговци, луѓе кои пазареле и сопствени на продавниците.
Досега ниедна група не ја презема одговорноста за нападот, но според локалните власти тие ги носат белегот на терористичката група Боко Харам, којашто последните години регрутира фанатици главно жени и радикализира деца, кои извршуваат самоубиствени бомбашки напади врз верници од двете главни вери во Нигерија, на пазари и безбедносните сили.
Кон крајот од 2014 година, градот Муби кусо време беше подложен на константни терористички напади од страна на Боко Харам. Во ноември 2017 година најмалку 50 лица загинаа кога припадник на Боко Харам го активирал експлозивот во џамија за време на утринска молитва во квартот Унгур Шууа во Муби. Во јуни 2014-та 40 фудбалски навивачи беа убиени, меѓу кои и деца, во текот на натпревар, исто така, во предградие на Муби. Претходно во октомври 2012 година, истата група изврши напад врз студентскиот кампус во градот кога загинаа најмалку 40 млади луѓе.
Кампањата на терористичките напади на Боко Харам влезе во својата десетта година, и досега во неа се убиени најмалку 20.000 луѓе а принудени да ги напуштат своите домови биле два милиона луѓе. Групацијата, исто така, започна со терористички напади и во соседните земји Камерун и Чад.
Боко Харам, чиешто име во слободен превод од локалниот хауса јазик значи „западното образование е забрането“, користи и масовни грабнувања на девојчиња и момчиња кои ги чува како жив штит за неговите бази, како и киднапирања за откупи со кои се финансира.
Сојузните држава Адамава, Борно и Јобе, во североисточна Нигерија, се трите држави кои се најпогодени од тероризирањето на Боко Харам.