Најмалку 26 загинати во судар на два автобуса во Нигерија

Најмалку 26 лица загинале а 11 се повредени кога два автобуса се судриле во саботата на југот од Нигерија, објави полицијата.

Двата патнички автобуса со по 18 седишта се судриле на градилиште на пат меѓу метрополата Лагос и универзитетскиот град Ибаден, соопшти полицијата од нигериската сојузна држава Ојо.

Двата автобуса се запалиле и многу од патниците останале блокирани во нив, соопштил полицискиот началник Абиодун Одуде. Полицијата објави дека автобусите се судриле кога нивните возачи се обидувале да претекнуваат возила на патот.

Сообраќајните несреќи се чести во Нигерија каде што минатата 2016 година загинале повеќе од 5.000 луѓе во сударите, покажува статистиката. За високиот процент сообраќајни несреќи виновни се невнимателното и опасно возење, како и лошо одржуваните возила и сообраќајници.