Најмалку 43 мртви во пожар во Португалија, можно е зголемување на бројот на жртвите

© EPA/PAULO CUNH

Во голем шумски пожар во Португалија животите ги загубиле најмалку 43 луѓе од кои некои биле во возила бегајќи на патот пред огнената стихија, пренесуваат медиумите.

Пожарот избувнал во областа Педрогао Гранде, 50 километри југоисточно од Коимбра, во централниот дел на Португалија. Повредени се уште 59 лица меѓу кои се и пожарникари.

„За жал, се чини дека станува збор за една од најголемите трагедии кои ги видовме последните години, кога се во прашање шумските пожари“, изјави премиер Антонио Кошта. Додаде дека бројот на загинатите може да биде поголем.

Министерот за внатрешни работи Хорхе Гомеш изјави дека три лица починале од вдишување на чад, а 18 во четири возила на пат кој ги поврзува Фигуеро дош Винош и Кастанеиру де Пера, додека бегале пред огнот.

Португалските медиуми пренесуваат дека пожарникарите не успеваат да го стават пожарот под контрола, и покрај тоа што на гаснењето се ангажирани повеќе од 600.

Меѓу 59-те повредени е и осумгодишно девојченце со изгореници додека талкала загубена во близина на пожарот. Шест пожарникари се ешко повредени, а двајца се водат како исчезнати.

Во текот на ноќта кон неделата избувнале околу 60 шумски пожари ширум Португалија и во нивното гаснење се ангажирани 1.700 пожарникари. Гомеш изјави дека огнот се шири со голема брзина. Шпанија испрати на помош два канадера.

Уште не е познато што ги предизвикало пожарите, но премиерот Кошта вели дека е можно да ги предизвикале громови. Португалија е погодена од топлотен бран со температури повисоки од 40 Целзиусови степени.

„Станува збор за регион во кој пожарите избувнуваат бидејќи е шумски, но не можеме да се сетиме на трагедија со вакви размери“, изјави градоначалникот на Педрогао Гранде, Валдемаш Алвеш.