Најмалку 46 мигранти, според најновите податоци ги загубиле животите во потонувањето на брод близу јужниот брег на Тунис, а 67 се спасени во спасувачката операција на крајбрежната стража, соопшти во неделата министерството за одбрана за една од најтешките поморски несреќи во последниот период во кој жртви се мигранти.
Спасувачката операција сѐ уште трае и во неделата вечерта по средноевропско време, се наведува во соопштението на туниското министерство за одбрана. Мигрантите се Тунижани и државјани на друг африкански земји.
Преживеан во бродоломот рекол дека капетанот го напуштил бродот веднаш штом почнал да тоне за да не го уапси крајбрежната стража. „Девет часови се држев за парче дрво“, рекол во болницата во Сфакс, каде што се собираат луѓе барајќи ги своите преживеани роднини и за идентификување на жртвите.
Многу Тунижани коишто по револуцијата од ткн Арапска пролет од пред четири години останаа без работа и други жители на супсахарска Африка,во импровизирани чамци и дотраени бродови се обидуваат од Тунис да стасаат до италијанскиот остров Сицилија., Криумчарите на луѓе сѐ почесто ја користат оваа земја како појдовна точка кон Европа, бидејќи либиската крајбрежна стража, со помош на локалните вооружени групации, ги засили контролите.
Во друга поморска несреќа во неделата во близина на турската јужна покраина Анталија во потонување на моторен чамец со 15 бегалци се удавиле девет лица, од кои шест се деца, соопшти турската крајбрежна стража.
Новиот италијански министер за внатрешни работи, Матео Салвини, во неделата ја посети Сицилија и најави дека ќе го запре приливот на имигрантите коишто преку морето пристигнуваат од Африка и дека секоја година ќе врати во нивните татковини 100.000 илегални имигранти.
„Сакаме да спасиме животи. Тоа ќе го сториме така што ќе го спречиме доаѓањето на бродовите на смртта коишто на едни им носат заработка а на остатокот од светот несреќа“, рече Салвини во писмената изјава коментирајќи ги двете несреќи.