![pozar sao paolo](https://i0.wp.com/netpress.com.mk/wp-content/uploads/2018/05/pozar-sao-paolo-1.jpg?resize=650%2C365&ssl=1)
Најмалку 49 луѓе се водат како исчезнати во средата ден откако во центарот на бразилската метропола Сао Паоло се урна 26-катница во којашто избувна пожар, покажуваат најновите податоци на противпожарната служба.
Сепак, засега не е познато дали лицата кои се прогласени за исчезнати навистина биле во облакодерот во моментот на несреќата.
Противпожарната служба на Сао Паоло во вторникот извести дека се исчезнати само три лица, меѓу кои и маж кому пожарникарите му дофрлиле јаже од соседната зграда непосредно пред да се урне солитерот во кој избувнал пожар.
„Пожарникарите ја продолжуваат потрагата ….. Засега 49 луѓе се водат како исчезнати. Во моментов ангажирани се 31 возило и 78 пожарникари“, објави противпожарната служба на Twitter по пожарот којшто според сознанијата на медиумите го предизвикало невнимание на дивите станари. Сепак, се додава дека и покрај отсуството дури и на основните мерки за заштита од пожар претстои истрага за конкретната причина за стихијата.
Во средата спасувачките екипи со обучени кучиња ги пребарувале урнатините од кои сѐ уште се издигнува чад, барајќи преживеани.
Сквотерите, околу 146 семејства, ја окупирале зградата пред седум години подигната за поранешното полициско седиште, а на долните десет катови живееле околу 150 луѓе, пренесе бразилската телевизија Globo TV.
Во Сао Паоло има голема економска нееднаквост меѓу тамошното население, а сиромашните семејства честопати ги сквотираат напуштените згради или подигнуваат шаторски и населби од колиби на слободно земјиште, понекогаш во непосредна близина на богатите квартови.
Мишел Темер, актуелниот и истовремено еден од најнепопуларните бразилски претседатели во историјата, го посети местото на несреќата. Но наиде на непријателски прием од масата којашто извикуваше „Сакаме домување“, пред набрзо да го напушти местото.