Најмалку 65 исчезнати во пожарот во Лондон

Британскиот таблоид The Sun објави во петокот дека по пожарот во станбениот комплекс „Grenfell Tower“ во западен Лондон 65 лица сé уште се водат како исчезнати и се стравува дека се мртви.

Лондонската полиција во четвртокот соопшти дека бројкат загинати во пожарот се искачи на 17 и оти се очекува и натаму да се зголемува. Во болниците се згрижени 37 луѓе, од кои 17 и натаму се на одделите за интензивна нега.

На прашањето на новинарите во четвртокот дали бројката на жртвите би можела да надмине стотина, началникот на лондонската полиција Стјуард Канди изјави дека се надева дека бројката нема да биде троцифрена.

Пожарот го зафати стабнениот комплекс од 24 катoви, со 120 станови во кои живееле околу 600 луѓе, во западен Лондон во средата рано изутрината.

Според претставничката на противпожарната служба Дани Котон, „пребарувањето на зградата би можело да трае со седмици“. Пожарникарски извори рекле дека во зданието уште има „непозната бројка“ луѓе, но оти се верува дека сите загинале во пожарот.

Полицијата предупреди дека можеби никогаш нема да биде во можност да ги идентификува сите загинати во пожарот. Екипите на службата за медицинска помош трет ден со ред ја пребаруваат зградата во квартот Северен Кенсингтон.

Британската премиерка Тереза Меј нареди темелна истрага и рекла дека жртвите „заслужуваат одговори“, пренесува BBC.