Бројот на луѓе кои се водат како исчезнати во големите пожари во Калифорнија е намален од 1.276 на 993 лица, соопшти канцеларијата на локалниот шериф, без да открие други детали.
Стотици луѓе ги напуштија своите домови кога огнената стихија на почетокот на месецов го зафати северниот град Парадајс. Форензичарските тимови кои ги пребаруваат јагленисаните урнатини, пронашле остатоци од уште шест жртви, со што бројот на загинати се зголеми на најмалку 77, од кои 63 се идентификувани. Моментно калифорниските власти чекаат потврда од анализата на ДНК.
Во Калифорнија продолжува потрагата по жртви и исчезнати во најкатастрофалниот пожар во историјата на оваа американска сојузна држава, додека метеоролозите најавуваат дожд.
Националната метеоролошка служба најави дека од утре вечер до петок ќе врне дожд во подножјето на планинскиот венец Сиера, вклучувајќи го и градот Парадајс, кој е уништен од пожарот. Се очекуваат врнежи од дожд и во Сан Франциско, што би помогнало воздухот да се расчисти од нездравите нивоа на чад, но и да се изгасне пожарот кој беснее на 280 километри од градот.
Властите очекуваат дождот да им помогне на пожарникарите, но и предупредуваат дека постои можност од формирање опасни свлечишта во подрачјата каде изгорела целата вегетација.