Двајца цивили се убиени во вторникот ноќта во израелско ракетирање во близина на главниот град Дамаск, објави сириската официјална новинска агенција SANА.
Опозициската Сириска опсерваторија за човекови права (SOHR), којашто дејствува од Лондон, пак, наведува дека имало девет жртви во израелскиот напад во покраината Дераа, во сектори Кувси, и дека наводно биле припадници на иранската Револуционерна гарда и на иранската проиранска шиитска милиција.
Според ткн невладина организација финансирана од Западот, било ракетирано „складиште на оружје коешто припаѓа на иранската Револуционерна гарда“ кои во сириската војна се борат на страна на владата на претседателот Башар ал-Асад.
Израел не ги коментираше овие информации, иако тамошните медиуми објавија дека станува збор за напад изведен од израелската армија, исто така, врз наводно израелски цели во Сирија.
Агенцијата SANA, повикувајќи се на медицински извори, објави дека „маж и неговата сопруга се убиени во Чејк Мискин, во покраината Дераа, во експлозија поврзана со израелскиот напад во близината на Кисва, на автопатот кој ги поврзува Дамаск и Дераа“.
Агенцијата претходно во вторникот вечерта објави дека сириската противвоздушна одбрана пресретнала две израелски ракети со коишто бил гаѓан секторот во близина на престолнината Дамаск.
Ова не е првпат секторот југозападно од Дамаск да биде цел на израелски напади. Израел и претходно таму бомбардираше воени позиции, а во декември погоди складиште за оружје. Сирија ваквите израелски напади ги поврзува со обидите на Израел да им помогне на бунтовничките сунитски и џихадистички групации кои беа под жесток напад на владините сили.
Кон крајот на април, израелскиот министер за одбрана Авигдор Либерман, изјави дека неговата земја ќе спречи секаков обид за „воено зацврстување“ на Иран во Сирија, пред сѐ, на Голан, кој е окупиран од израелската армија.
Во вторникот вечерта, веднаш откако американскиот претседател Доналд Трамп објави дека САД се повлекуваат од нуклеарниот договор со Иран, израелската војска ја зголеми подготвеноста на своите единици на Голанската висорамнина. Израел објави дека регистрирал „одредени сомнителни ирански активности“ во пограничниот дел и распореди системи за противоздушна одбрана, а ги отвори за населението и засолништата од бобардирања
Израел и Сирија официјално се во војна. Нивните односи се уште повеќе напнати, поради тоа што во сирискиот конфликт се вмешани и три непријатела на Израел, владата на Асад, Иран и либанското шиитско движење Хезболах кое веќе неколкупати војуваше со Израел.