Хаосот со полските навивачи, кој почна вчера со нивна меѓусебна тепачка на скопскиот плоштад поради која имаше и приведени од полицијата, продолжи и денеска со оглед на неофицијалните информации кои доаѓаат за голем судар на хулиганите со припадниците на македонското МВР кои ги обезбедуваат.
Според очевидци, поголема група фанови на селекцијата на Полска, која вечерва ќе ѝ гостува на Македонија во меч од квалификациите за ЕП 2020, се степале со полицајците кај Владата во обид да тргнат кон скопската Чаршија. Дел од хулиганите биле спречени, но дел од нив успеале да се упатат кон овој дел од градот, каде што и синоќа правеле проблеми.
Според наши извори од МВР, Полјаците се качувале на споменикот Скендербег и за малку бил спречен голем конфликт со скопјани од албанска националност кои се нашле во близина, на кои не им се допаднало нивното однесување.
Натпреварот почнува во 20.45 часот, што значи дека би можело да дојде и до нови инциденти со воинствените полски хулигани.
ИЗВОР: СПОРТ 1