Драмата во една од најголемите компании во земјава, „Фершпед“ продолжи и викендов. Двата спротивставени табори се во постојана трка за што поголем број акции.
Во оваа битка, Штерјо Наков и неговиот син Драган, со помош на уцени и закани во теков на изминатиот викенд се обидувале да убедат пензионирани и поранешни вработени во „Фершпед“ ним да им ги продадат своите акции, дознава Нетпрес.
Накови планирале трансакции за купување на нови акции да се одвиваат преку „Фершпед Брокер“, а бидејќи новостекнатите акции не би можеле да се запишат на име на Штерјо Наков, тие требало да станат сопственост на негови блиски фирми.
Според нашите извори, Накови прибегнале кон овие средства во очај поради фактот што нивните ривали во компанијата со неколку трансакции од минатата недела сега поседуваат вкупно 52 отсто од акции, што ги прави мнозински сопственици.
Семејството Наков, според последните официјални податоци од Централниот регистар за хартии од вредност поседува нешто над 20 отсто од акции во најголемата македонска шпедитерска компанија.