Новоназначениот селектор на македонската машка одбојкарска репрезентација Хари Наковски, кој беше промовиран денеска, ги менува работите во националната селекција.
Одбојкарите полека се подготвуваат за настапите во Европската златна лига. На 2-ри мај, ќе тренираат во Струмица до 8-ми кога ќе отпатуваат на пријателски натпревари со Романија.
Наковски денеска истакна дека националниот тим се подмладува и засилува во нови играчи. Промени има и во стручниот штаб.
-За разлика од лани, во составот нема да биде Александар Љафтов, кој побара одмор и ќе се приклучи во јули кога ќе почнат подоготовките за квалификациите. Филип Деспотовски се пензионираше, а нови играчи се Михајло Мирасчиев од Штип УГД и Кристијан Илиев од Струмица 47&72. Во стручниот штаб ново име е асистентот Кристијан Ристески, а скаутот Павле Матиќ и кондицискиот тренер Горан Панковиќ работеа и лани, дополнува селекторот Наковски надевајќи се дека Македонија ќе игра добро и дека ќе може да оствари две или три победи во Европската златна лига.
Македонија настапот на Европската златна лига го започнува на 17-ти, со првиот турнир на којшто ќе им бидеме домаќини на Чешка и на Естонија. Следните два се во Белгија и во Хрватска. Во август се два од четирите натпревари во квалификациите за ЕП 2026. Акцентот ќе биде ставен токму на нив, затоа што преку Грузија и Грција, Македонија бара шанса за четврти континентален собир по ред.
Состав на македонската одбојкарска репрезентација:
Техничари: Ѓорѓи Ѓорѓиев (Бурса-Турција), Давид Стојанов (Фужинар-Словенија)
Коректори: Никола Ѓорѓиев (АЦХ Љубљана – Словенија), Стојче Арсов (Работнички 71&22), Кристијан Илиев (Струмица 47&72)
Примачи: Владо Милев (Струмица 47&72), Лука Костиќ (Рибница – Србија), Стојан Илиев (Анагенисис – Кипар), Тоше Ефремов (Весна Пробиштип)
Средни блокери: Филип Маџунков (Хасроде – Белгија), Филип Савовски (Војводина – Србија), Филип Лепидовски (Таково – Србија), Михајло Мирасчиев (Штип УГД)
Либера: Дарко Ангеловски (Работнички 71&22), Костадин Ричлиев (Штип УГД)