Жителите на маалото Сланиште лоцирано на крајот од кумановското село Табановце, над железничката пруга, информираат дека изутринава и вчера нема наплив на илегални мигранти, пренесе МИА.
Тие велат дека откако екипите на Црвениот Крст и на УНХЦР ги поставиле монтажните објекти, мигрантите не минуваат во голем број по нивите, односно илегалните патишта кои водат кон соседна Србија.
Жителите на Сланиште се чувствуваат побезбедно откако вчера беше прогласена кризна состојба поради напливот на мигранти. Жителите и граѓанските активисти од повеќе невалдини организации кои беа лоцирани на ова подрачје, потврдуваат дека вчера пристигнал еден воз од Гевгелија околу 13 часот.
Од Итната помош Куманово изутринава потврдија дека вчера не интервенирале на Железничката станица во Табановце. Од општинската организација на Црвениот крст Куманово информираат дека нивни активисти помагаат на јужната граница и дека на Железничкиот премин Табановце нема потреба од поголема ангажираност, бидејќи нема наплив на мигранти.
За два месеци во од Грција во Македонија влегле околу 44.000 мигранти
Последен таков пример е вчерашната одлука на Владата во Атина со брод да пренесе 2.500 мигранти во Солун од каде потоа би продолжиле до Македонија на пат кон некоја од западноевропските земји. Од Солунското пристаниште бегалците организирано се пренесуваат со автобуси до граничниот премин Евзони.
Поради напливот на мигранти од Грција македонските власти вчера прогласија кризна состојба на јужната и на северната граница. Според информациите од терен, на македонско-грчката граница и во Гевгелија продолжуваат да пристигнуваат нови мигранти. Дел од нив се упатуваат кон железничката станица во Гевгелија, а на полициските службеници им покажуваат потврди издадени во Грција и признаваат дека биле организирано транспортирани со автобуси до македонската граница.
Властите во Грција тврдат дека од јануари годинава најмалку 160.000 бегалци влегле во земјата, од кои 50.000 само во последниот месец.
Официјалните бројки на пограничната агенција на ЕУ, Фронтекс, покажуваат дека во јули во земјите од ЕУ влегле 107.500 мигранти. Нивни најпосакувани одредници се Австрија, Германија, Велика Британија и Шведска.
Прочитајте повеќе:
Груевски: Кризната состојба е за да се регулира неконтролираниот влез на мигранти
„Вечер“: Војската и полицијата ги затворија илегалните премини за бегалците