Намалена прогнозата за побарувачката на нафта – OPEC

Организацијата на земјите извознички на нафта (OPEC) ја намали процената на растот на побарувачката на нафта во оваа и во следната година поради забавувањето на глобалната економија и строгите мерки за сузбивање на Covid-19 во Кина.

Побарувачката оваа година ќе расте за 2,5 милиони барели а во следната за 2,2 милиони барели дневно, преоценуваат во OPEC во месечниот извештај, објавен во понеделникот, намалувајќи ги досегашните прогнози за 100.000 барели дневно.

Во OPEC сметаат дека глобалната побарувачка на сировата нафта на крајот од годината ќе достигне 101,3 милиони барели дневно и ќе порасне на 103,4 милиони барели дневно до крајот на 2023 година.

Прогнозите се намалени поради високиот степен на неизвесност во периодот до крајот на годината, имајќи предвид на „политиката на нулта толеранција кон Covid-19 во Кина, континуираната геополитичка неизвесност и послабите деловни активности“, истакнуваат од нафтениот картел.

Во 2023 година „се очекува дека растот ќе биде притиснат од несигурноста поврзана со деловните активности, мерките за сузбивање на Covid-19 и геополитичките случувања“.

Во октомври OPEC и нејзините сојузници големи независни произведувачи предводени од Русија (OPEC+), решија од ноември да го намалат производството за вкупно два милиона барели дневно во однос на зацртаното ниво за да ги поддржат цените на меѓународните пазари на нафтата.