Намалени загубите во пренос и дистрибуција на струја

Македонија ги намали загубите во пренос и дистрибуција од 20,22 проценти во 2010 година на 16,5 проценти во 2015 година, покажуваат резултатите од извештајот „Одржлива енергија: до каде е Југоисточна Европа (ЈИЕ) во последните пет години? Набљудувачки извештај за енергетика во ЈИЕ 2016 година“ објавен од граѓански организации во регионот.

Во извештајот се наведува дека има напредок, иако нерамномерен, во насока на зголемување на одржливоста во енергетскиот сектор во ЈИЕ.

Вкупните емисии на CO2, загубите на електрична енергија и енергетскиот интензитет се намалени во повеќето земји во регионот, но е направен незначителен напредок во зголемувањето на учеството на сончевата и енергијата од ветерот во вкупното производство на електрична енергија како и кај борбата против корупцијата.

Листата на резултати, што опфаќа седум земји и споредување на податоците од 2010 и 2014/2015, има цел да ги дополни извештаите на Европската комисија за напредокот.

Според извештајот, Косово е најзависната земја од јаглен во регионот, со 97 проценти од електричната енергија произведена од јаглен во 2014 година, а потоа следуваат Македонија и Србија на второто и третото место, со 69,5 проценти и 64,8 проценти. За споредба, ЕУ генерирала 26,3% од електричната енергија од јаглен во 2014 година.

Македонија произвела 14  GWh од фотоволтаици во 2014 година, со што е на второто место во регионот веднаш зад Хрватска, но искористила само занемарлив дел од својот огромен потенцијал, се вели во извештајот и се додава и дека Македонија го намалила енергетскиот интензитет помеѓу 2010 и 2014 година.

– Разочарувачки е да се види дека и покрај големиот интерес од инвеститорите, се’ уште има премалку енергија од ветер и кровни соларни панели во регионот. Сите држави имаат поставено цели за обновливи извори на енергија кои мора да се исполнат до 2020 година и соларната и ветерната се дел од овие извори на енергија, кои се’ уште може да се зголемат до тогаш ако има политичка волја, оценува Соња Ристеска од Аналитика тинк тенк, Македонија, која е дел од граѓанските организации што го подготвија извештајот.

Одржлива енергетска политика за Југоисточна Европа е проект од 18 партнерски граѓански организации од регионот (Албанија, Босна и Херцеговина, Хрватска, Косово, Македонија, Црна Гора и Србија) и од ЕУ. Проектот има за цел да ги поттикне  граѓанските организации и граѓаните подобро да влијаат на политиката и праксата кон поправедна, почиста и побезбедна енергетска иднина на ЈИЕ.