Намалувањето на невработените не е зашто тие се вработуваат, туку дека се префрлаат во неактивни баратели на работа, обвини ВМРО-ДПМНЕ

„Слепото тврдење дека имаме историска најниска стапка на невработеност само ја покажува забеганоста на Владата којашто не ги гледа вистинските проблеми во очи. Никакви реформи нема за зголемување на бројот на вработени, никакви странски директни инвестиции нема во државата, никакви капитални расходи од буџетот за да се стимулира отворање на нови работни места. Напротив, долгогодишниот тренд на иселување од државата, особено на младите, заедно со намалувачката стапка на наталитет за кои ништо не направи оваа Влада, плус и данокот којшто го зема пандемијата со починати 9.300 лица заради неуспешното справување со здравствената криза, се рефлектираа за прв пат во годишно намалување на работоспособно население во 2021 година, велат од ВМРО-ДПМНЕ.

-Негативните трендови на пазарот на труд од почетокот на кризата со КОВИД-19 заклучно со последниот квартал на 2021 година покажаа на намалување на вкупното работоспособно население за 3.373 лица, додека активното население се намали дури за 30.251 лица(збир од вработените и невработените лица). Намалувањето на вработените е 15.830, а на невработените за 14.421. Остатокот од вкупното работоспособно население се неактивните лица чиј број е зголемен за 26.878, што покажува дека лицата кои останале без работа и кои биле невработени и пред кризата сега се неактивни односно не бараат работа. Затоа стапката на активност од 57,4% во првиот квартал на 2020 година се намали на 55,7% во последниот квартал на 2021 година, додека стапката на невработеност од 16,2% на 15,2%.

Намалувањето на стапката на невработеност во никој случај не укажува на подобрени состојби на пазарот на труд во услови кога, бројот на вработени се намалува, а намалувањето на невработените НЕ Е зошто истите се вработуваат, туку зошто се префрлаат во неактивни – демотивирани да бараат работа! Но, уште повеќе загрижува фактот што намалувањето на вработените е исклучиво во приватниот сектор, каде бројот е намален за 27.996 лица, додека бројот на вработени во субјектите со друга сопственост е зголемен 12.166 лица. Ако се соберат сите дејности кои во најголем дел се во јавен сектор, тогаш од почетокот на кризата со КОВИД-19 до крајот на 2021 година вработените во јавниот сектор се зголемиле за околу 14.300 лица. Оваа Влада интензивно вработуваше во последните две години во јавниот сектор во услови на длабока економска и здравствена криза со што најнеуспешно се справи од сите земји во регионот. Затоа сега нема пари за усогласување на платите со минималната плата и со инфлацијата во јавниот сектор, стои во партиското соопштение.