Од први март веќе нема да има замрзнати цени, туку ќе има одмрзнување на производните маржи на странските производи увезени во трговијата, а главно станува збор за основни прехранбени производи, порача во средата министерот за економија Крешник Бектеши.
„Ќе се оди со дефинирање на одредени профитни маржи и во трговијата на мало и на големо за производите кои се увезуваат во Македонија. Нашата забелешка е дека кај производите што не ги произведуваме, односно ги увезуваме, има поголемо зголемување на цените и според тоа ќе се оди најверојатно со опцијата на маржите, рече Бектеши како одговор на новинарско прашање.
Претходно Бектеши најави дека маржата ќе може да се фиксира така што ќе се следат фактурите на трговците доставени при увоз до Царинската управа и ќе се следи ланецот на набавка до самите маркети, а таа нема да може да биде поголема од 5 отсто.
„Оваа и следната седмица ќе имаме директни средби со сите инволвирани страни, особено со производителите и трговците со прехранбени производи, оние производи кои се истакнати во одлуката за замрзнување, да се најде начин да не се зголемат цените, најверојатно ќе се оди со дефинирањето на одредени маржи во трговијата на големо и мало“, рече меѓу другото Бектеши.
Инаку, одлуката на Владата за замрзнување на цените на основните производи доаѓа по поскапувањето со месеци и по прогласувањето на кризната состојба во енергетскиот сектор, на 9-ти ноември.
На крајот на јануари Владата ја продолжи одлуката со која се определуваат највисоки цени на основните прехранбени производи, како што се: леб, шеќер, брашно – тип 400, сончогледово масло за јадење, трајно млеко со масленост од 2,8, 3,2 и од 3,5 %, свежо месо и сувомесни производи, сирење и урда, ориз, јајца и тестенини.