„Наместо да ја изградат, ја запалија!“, „Сѐ пеплосавте тафтабити некадарни“… Социјалните мрежи горат од гнев за Универзална сала

Култниот објект со кој се идентификуваат скопјани, таман почна со конечно „оживување“ и реконструкција, денеска го зафати голем пожар. Додека сѐ уште нема официјални причини на оваа катастрофа, Лазар Арсовски сопственикот на фирмата изведувач на градежните работи, „Универзал Балкан“-Скопје, претпоставува дека е можно пожарот да бил предизвикан од стар кабел или од старата инсталација. Тој посочи дека во моментот на пожарот внатре немало нивни инженери и работници зашто денеска не планирале да се работи на објектот.

Пожарот во Универзалната сала кој е локализиран се случил во стариот дел и гореле стари материјали, иверки, плочки, а новиот дел не бил зафатен.

И додека заедно со Универзалната сала гори и интернет просторот со коментари и критики за тоа кој е одговорен за тоа што се случи, во тек е јавна набавка за избор на изведувач за покрив и за фасада на објектот кој истекува на 14 април, а вредноста е проценета на 13 милиони евра. Но, интересно е тоа што деновиве повеќе домашни градежни компании кои сакале да учествуваат на тендерот, обвинија дека Министерството за култура поставува „чудни услови“.

Според нивните тврдење, поставени се услови во јавната набавка за да може само одредена компанија да ги исполни за да го добие тендерот.
Според нив, еден од критериумите е фирмата која ќе се пријави да има минимален приход 20 милиони евра (без ДДВ) годишно, во последните три години, односно во 2020,2021 и во 2022 година. Дург чуден за нив услов е компаниите кои ќе се пријават да имаат претходно минимум од 3 (три) договори за вршење на градежно-занаетчиски работи на објекти склучени во последните 5 (пет) години, од кои најмалку 1 (еден) успешно извршен договор за објект од областа на културата со вредност од помалку од 20.000.000 евра со ДДВ. Тврдат дека овие два услови се многу ограничувачки и оти најголем дел од македонските градежни фирми не можат самостојно да ги исполнат овие барања, ако немаат меѓународни партнери.

Од друга страна, додаваат тие, има критериуми кои се многу слаби. Според нив, еден од таквите е условот дека фирмите кои е се пријават на тендерот мора да имаат персонал од 1 (еден) градежен инженер со минимум Б лиценца, 1 (еден) архитект со минимум Б лиценца, 1 (еден) електроинженер со минимум Б лиценца, и 1 (еден) машински инженер, исто така со минимум Б лиценца.
Тие се сомневаат дека можеби министерството за култура веќе однапред има одреден добитник на објавената јавна набавка, која всушност е втор дел. Претходно, поточно првиот дел од тендерот го доби фирмата Универзал Балкан, од Скопје, која веќе и ги извршува работите за реконструкција на покривот и на фасадата на Универзална сала.

Министерката за култура Бисера Костадиновска- Стојчевска повика на брзо расчистување на причините за пожарот во Универзална сала. Непосредно по пожарот рече дека нема жртви и нема повредени бидејќи објектот бил празен. Таа појасни дека објектот е осигуран и ќе се санира од тие средства.

Јавноста е револтирана, особено поради тоа што станува збор за симбол на Скопје, а пожарот го поврзува со негрижа и сомнителни договори за реконструкција на објектот.
„Наместо да ја изградат, ја запалија“, е меѓу почестите коментари на социјалните мрежи.