Наместо да мисли на децата, таткото правел драма за скршените стакла на автомобилот

Полицијата успела да ги пронајде родителите на двете малолетни дечиња кои синоќа беа пронајдени во затворено возило на паркинг на булеварот „Видое Смилевски Бато”. Станува збор за Т.Т. (44) и М.Н. (35). За настанот е известен и јавен обвинител кој презема мерки за расчистување на овој случај.

Од полициски извори дознаваме и дека, кога бил пронајден таткото на децата, неговата прва реакција бил револт дека полицајците му ги искршиле насилно стаклата на автомобилот!?

Таткото на децата е од скопската населба Драчево, а мајката од Лисиче. Сѐ уште полицијата работи на откривање на деталите за причините поради кои тие си ги оставиле децата заклучени во автомобилот.

Според МВР, доцна синоќа, после полноќ, во паркирано возило „алфа“ со скопски таблички биле оставени двете деца, а вратите на возилото биле заклучени. Полициските службеници интервенирале веднаш по пријавата на соседите, и откако скршиле стакло, успеале да ги извадат децата од автомобилот.

Со возило на Итна медицинска помош децата веднаш биле префрлени во комплексот Клиники „Мајка Тереза”, до каде што не откриваат детали за состојбата на децата, туку велат само дека нивната состојба е стабилна.

Од Детската клиника изјавија дека :

„На ден 28.08.2019 год во 23 часот со возило на брза помош и во придружба на полиција на Клиниката за детски болести Скопје донесени се децата: женско дете, старо 7 години – машко дете, старо 4 години.

Во моментот на прием, при прегледот, оддавале впечаток на запуштени деца (валкани во нечисти алишта) во свесна состојба, исплашени, лесно дехидрирани, свесни, со уредни витални параметри. Децата се хоспитализирани на одделот пулмологија Б, за обсервација, направени се рутински лабораториски анализи со уреден наод и спроведена перорална рехидрација. Во тек на престојот се во стабилна состојба и истите се испишуваат во добра здравствена состојба“.