Молба за одлагање на правосилно изречената казна затвор, од страна на осудениот Зоран Милески – Кичеец, е доставена до надлежниот судија за извршување санкции кој го издал упатниот акт со кој требало на 12.10.2020 година тој да се јави на издржување на затворската казна во КПУ Затвор Скопје, информираат денеска од Основниот кривичен суд Скопје.
„Истовремено осудениот го известил судот дека по приемот на Упатниот акт истиот ја променил адресата на живеење од Скопје во Охрид, па согласно одредбите од Законот за извршување санкции и тоа член 7 ст. 2 и член 137 ст. 1 од ЗИС, за одлучување по молбата за одлагање како и понатамошното постапување по предметот наделжен според адреса на живеење на осудениот е Основниот суд во Охрид, каде предметот е веќе испратен“, се вели во соопштението од Основен кривичен Суд Скопје.
Милески е осуден на три години затвор, откако во декември минатата година, го призна делото за случајот „Рекет“ – примање награда за противзаконито влијание.