Во денешното издание на вестите на Канал 5 линковски се вклучи потпретседателот на ВМРО-ДПМНЕ Александар Николоски кој зборуваше на теми поврзани со пандемијата, како и за здравствената и економска криза кои според него мора да се надминат најбезболно.
Сепак Николоски стои на ставот дека најважно е здравјето на граѓаните, а дури потоа економската ситуација во државата.
Потпретседателот на ВМРО-ДПМНЕ се осврна на проблемите кои ги истакнаа земјоделците поради појавата на пандемијата, односно тешкотиите со кои тие се соочуваат овој период и ќе се соочуваат се додека не се подобри економската стабилност на државата.
Николоски напомена дека голем дел на државата се храни од земјоделието и многу земјоделски семејства преживуваат токму од земјоделската работа, односно продажбата на продуктите кои ги нудат сезонски. Воедно Николоски потенцираше дека сега е моментот кога мора да им се дозволи на земјоделците да работат поради тоа што раноградинарските култури се веќе во ек и земјоделците не смеат да ја пропуштат сезоната, бидејќи потоа тие најмногу ќе ја почувствуваат кризата.
„Земјоделците се чесен и работлив народ кој сигурно нема да ги злоупотреби мерките кои се донесени. Тие само мора да ги изработат нивните ниви, да ја фатат сезоната како и секоја друга година и да имаат што да понудат на пазарот, за да можат да преживеат и тие, а и македонската економија која секако е помогната од земјоделците”, вели Николоски.
Николоски додаде дека во сите гранки од земјоделието постојат потешкотии и проблеми во врска со пласманот и тука владата мора да се заложи да помогне за откупот на продуктите кои во изобилие стојат на македонските ниви.
-МНР и владата наместо да водат само високи политики, во овие моменти треба да се потрудат да најдат пласман на македонските производи во странство со што ќе се потпомогне македонската економија, односно земјоделците во Република Македонија, заврши Николоски.