Наместо зголемување можно е и намалување на цената за вода

По сѐ изгледа дека цената на водата за пиење во Скопје не само што нема да се зголеми, туку можно е и да се намали или  да остане иста. Минатата недела Регулаторна комисија за енергетика донесе одлука за зголемување на просечната тарифа на водата за 3,22 денари, откако ЈП „Водовод и канализација“ побара од нив корекција на цената. Потоа од јавното претпријатие излегоа со демант на таа информација и тврдеа дека никогаш не побарале водата да поскапи.

Претседателот на РКЕ, Марко Бислимоски денеска повторно потврди дека фактите се јасни и дека одлуката ја донеле врз основа на барањето на ЈП „Водовод и канализација“ поднесено во ноември минатата година и нагласи дека не сака и понатаму да се „натега“ дали поднеле или не поднеле барање. Тој посочи дека јавното претпријатие побарало минималната цена да биде околу 30, а максималната 57 денари за кубик потрошена вода.

Имајќи во предвид дека цената на електричната енергија за јавните комунални претпријатија е субвенционирана од државата и дека таа субвенција ќе продолжи и во наредните три месеци, таа одлука што ја донесовме ќе претрпи корекција и минималната цена која ќе ја донесеме во четврток ќе значи намалување на цената за вода во Град Скопје, додека максималната ќе биде таква каква што е. Оставаме на „Водовод и канализација“ и нивниот Управен одбор да донесе одлука врз основа на нашата одлука, а потоа таа треба да се испрати до Советот на Град Скопје – рече Бислимоски.

Како што нагласи претседателот на Регулаторна, ова треба да биде поука за сите останати јавни комунални претпријатија дека кога ќе поднесат барање треба да останат на тоа барање, а не да политизираат.

Ние не се криеме зад нашата одлука која ја донесовме, бидејќи е во рамки на нормала и зголемување од седум денари не е никаков месечен трошок. Затоа нема потреба од популизам. Ние како институција не гледаме кој од каде е и поддржавме јавните комунални претпријатија да имаат субвенционирана цена на електричната енергија и таа цена ја имаат, потенцира Бислимоски.

Бислимовски информира дека барања  за зголемување на цената на водата поднеле и други општини, како на пример Кичево и Ресен, а Охрид пак бара зголемување на цената на водата за 70 проценти, што според него, не е реално.

 Ние нема да дозволиме да се зголеми цената за 70 проценти за да може јавните комунални претпријатија, не само во Охрид, туку насекаде низ државата, да бидат фабрика за вработување, бидејќи на крај ќе немаме вода – рече Бислимоски.