
Жариште на Covid-19 откриено е во кинескиот град Нанџинг и се проширило во пет кинески покраини и во главниот град Пекинг, а кинеските државни медиуми оценија дека станува збор за „најголемата епидемија по Вухан“, пренесува во петокот BBC.
Според податоците на државните здравствени власти заразени се речиси 200 лица отокако вирусот е идентификуван на градскиот аеродром на 20-ти јули. Сите летови од аеродромот Нанџинг ќе бидат суспендирани до 11-ти август, објави кинескиот дневен весник на англиски јазик The Global Times.
Локалните власти, исто така, започнале со масовно тестирање по критиките поради нивниот „неуспех“. Сите 9,3 милиони жители на градот, вклучително и оние кои престојувале во посета на Нанџинг, ќе бидат тестирани, објави државната кинеска новинска агенција Xinhua.
Властите веруваат дека жариштето на коронавирусот е поврзано со позаразната делта варијанта и дека заразата се проширила благодарејќи на фактот што е откриена на аеродромот со голема фреквенција. Управата на аеродромот е укорена, а дисциплинското тело на Комунистичката партија наведува дека се јавиле „проблеми како недостиг од контрола и непрофесионално управување“.
Тестирањата покажуваат дека вирусот сега се проширил во најмалку 13 градови, вклучително и Ченгду и престолнината Пекинг.
Локалните власти во Нанџинг наведуваат дека седум од заразените се во критична состојба. Не е познато дали заразените биле вакцинирани, и досега нема податоци колку кинеските вакцини против коронавирусот се ефикасни против делта варијантата. Многу земји од југоисточна Азија кои главно ги користат кинеските вакцини, неодамна објавија дека ќе воведат и вакцини од други производители.