Напаѓач на Бордо е во кома по судар на теренот

Напаѓачот на францускиот второлигаш Бордо, 28-годишниот Албер Елис е во индуцирана кома откако се здоби со сериозна повреда на главата по сударот со противникот на саботниот натпревар против Генган.

Елис се судри со противничкиот играч Донатиен Гомис по само 40 секунди од натпреварот. Речиси десет минути му била укажана помош на теренот, по што итно бил префрлен во болница каде му била извршена „хируршка интервенција“, а според француските весници бил ставен во индуцирана кома.

Медиумите јавуваат дека операцијата поминала добро, додека дополнителните тестови и слики ќе го откријат степенот на повредите на Елис и можните несакани последици.

„Елис беше опериран синоќа. Во овој момент не може да се каже ништо за неговите витални функции“, се вели во соопштението на неговиот клуб. Бордо најави дека нема да дава дополнителни коментари, повикувајќи на „воздржаност“ од медиумите кон играчот и неговото семејство.

Репрезентативецот на Хондурас му се приклучи на Бордо во 2021 година откако играше за Боависта и Динамо Хјустон во МЛС.

„Ти си храброст и сила, Пантерита, ти си воин кој знае да води битки. Хондурас е со тебе“, објави репрезентацијата на Хондурас на платформата X.