Напаѓач на Верона доби смртни закани поради промашен пенал

Францускиот напаѓач кој настапува за италијанскиот прволигаш Верона, Тома Анри и неговото семејство добија смртни закани откако во саботата промаши пенал во 19-то коло од Серија А и не го доведе својот тим до реми, а му овозможи победа на моментално водечкиот Интер.

„До сите оние кои мислат дека знаат фудбал подобро од кој и да де друг и го навредуваат моето семејство надевајќи се на нивната смрт, се надевам дека еден ден ќе најдете мир во своите мали животи“, напиша Анри на својот Instagram профил.

Францускиот напаѓач му овозможи на својот тим да израмни со гол во 79. минута, а шанса за израмнување доби уште еднаш, кога на Верона во судиското надополнување ѝ беше досуден пенал, и со реализација на гостинскиот тим да му донесе бод.

„Еден ден победуваш, еден ден губиш, еден погодуваш, еден ден промашуваш, тоа е животот на еден фудбалер и јас сум горд што по вторпат во кариерата постигнав гол на ‘Сан Сиро’, по кинењето на вкрстените лигаменти и откако почнав да играм на 15 години на најнискот0 ниво во Франција“, додава Анри во објавата.

Во својата кариера, Анри играше за Нант (2015-16) и Шамбли, потоа за Насионал (2016-18), за да ја продолжи кариерата во Белгија пред да се приклучи на Серија А прво во Венеција (2021-22.), а од 2022 година во Верона. .

Неговата сезона 2022/2023 заврши во февруари 2023 година кога ги скина вкрстените лигаменти на десното колено. Постигна три гола оваа сезона.