Осомничениот вооружен напаѓач пукал и ранил две деца во основно училиште во американската сојузна држава Калифорнија во средата пред да се самоубие, соопшти канцеларијата на локалниот шериф.
Пукањето се случило во уќилиште на адвентистите на седмиот ден во Фетер Ривер во Оровил, во Калифорнија, кое е на околу 89 километри северно од Сакраменто, соопштија телефонски од канцеларијата на шерифот на округот Бат.
„Двајца ученици се здобија со прострелни рани и се пренесени во локалните болници на лекување“, изјави портпаролката на канцеларијата на шерифот Меган Мекман, додавајќи дека не ја знае нивната состојба.
„Осомничениот напаѓач е мртов“, напиша канцеларијата на шерифот на платформата X. Се додава дека учениците биле однесени во блиската црква, но не се соопштуваат други детали.
„Мотивот за пукањето сè уште не е познат, а напаѓачот не е идентификуван“, рече портпаролката Мекман.
Според неа, полицајците го пронашле осомничениот напаѓач мртов кога пристигнале на местото на настанот. Тој починал од прострелна рана што самиот си ја нанел.
Инспекторите се обидуваат да утврдат дали осомничениот напаѓач имал врски со училиштето.
Училиштето Фетер Ривер, управувано од Адвентистичката црква на седмиот ден, ја посетуваат деца од градинка до осмо одделение, на возраст од 5 до 13 години, според нејзината веб-страница.