Напаѓачот кој уби 14 лица во Прага бил инспириран од слично злосторство во руско училиште

Дејвид Козак (24), кој во четвртокот уби најмалку 14 лица на Карловиот универзитет во Прага, наводно бил инспириран од пукањето во училиште во Русија во кое 14-годишното девојче А.А. уби еден и рани петмина учерници, по што се самоуби, пренесува Тајмс.

Британскиот весник дошол до заклучок за неговата инспирација врз основа на објавите на Козак на мрежата Телеграм, каде тој наводно вели дека „Алина Афанаскина премногу му помогнала“.

„Отсекогаш сакав да убивам, мислев дека во иднина ќе станам манијак. Сфатив дека е многу поисплатливо да се прават масовни убиства отколку сериски. Седнав. Чекав. Сонував. Сакав … но Алина стана последната точка. Како да ми дојде на помош од небото токму на време“, наводно напишал на таа социјална мрежа.

Поради вчерашниот масакр, кој се смета за најголем во историјата на Чешка, во сабота е прогласен ден на жалост.

Во исто време, полицијата се уште ја истражува поврзаноста на напаѓачот со други убиства.

Соседите го опишале напаѓачот како „интровертен лудник“ кој бил фасциниран од оружје и се смета дека го убил својот татко пред масовните убиства на универзитетот.