Судот во Копенхаген во средата осуди 39-годишен Полјак на четири месеци затвор и нареди негова депортација затоа што ја удрил данската премиерка Мете Фредериксен додека таа се шетала во Копенхаген во јуни.
Случајот предизвика загриженост за безбедноста на јавните службеници во оваа нордиска земја во контекстот на политичките напади и обиди за убиства на политичари во Европа, но и укажува на зголемување на агресијата на јавни места.
По издржувањето на затворската казна, мажот ќе биде депортиран од Данска, а шест години ќе му биде забрането да се врати во оваа земја, одлучи судот.
Полјакот ја удрил Фредериксен за време на случајна средба додека таа шетала на плоштадот во нападот што се случи два дена пред изборите за Европскиот парламент. Мажот ја удрил Фредериксен со тупаница во рамото, а од ударот лесно ѝ го повредил вратот, по што била принудена да откаже неколку однапред договорени работи.
Според очевидци, Фредериксен по нападот без помош и самостојно го напуштила местото на настанот, но подоцна во телевизиско интервју изјави дека била многу потресена по инцидентот.
Напаѓачот на премиерката е осуден и за сексуално вознемирување жени на железничка станица, како и за измама во супермаркети. На судот го признал сите обвиненија.