Големата порота го обвини напаѓачот од парадата на Денот на независноста кај Чикаго, кој уби седум и повреди десетици луѓе, со дури 117 злосторства. Меѓу точките во обвинението се и 21 обвинение за убиство од прв степен.
Роберт Кримо Трети (21) е обвинет дека пукал од покривот на зграда кон учесниците на парадата на 4 јули годинава, во Хајленд парк во близина на Чикаго. Тој ќе се појави пред судот на 3 август, а доколку биде прогласен за виновен му се заканува доживотен затвор, пишува Гласот на Америка.
Кримо призна дека пукал кога бил уапсен, соопштија обвинителите. Полицијата му го пронашла автомобилот и оружјето слично на полуавтоматската пушка пронајдена на местото на настанот.
Покрај убиствата, Крим се товари и за 48 обиди за убиства и 48 повреди со огнено оружје. Овие обвиненија ја вклучуваат секоја жртва која била ранета со куршум или погодена од шрапнел.
„Сакам да им се заблагодарам на полицијата и на обвинителите кои ги презентираа доказите на големата порота. Нашата истрага продолжува, како и нашата поддршка за сите жртви и сите погодени од ова злосторство“, рече окружниот обвинител на округот Лејк, Ерик Рајнхарт.
Според информациите од неговиот кабинет, Кримо го купил оружјето легално и покрај тоа што имал историја на насилничко однесување и закани дека ќе се самоубие себеси и блиските, за што веќе интервенирала полицијата.