![stephan balliet](https://i0.wp.com/netpress.com.mk/wp-content/uploads/2022/12/stephan-balliet.jpg?resize=640%2C426&ssl=1)
Крајно десничарскиот екстремист кој во 2019 година го изведе смртоносниот напад врз синагогата во германскиот град Хале во понеделникот накусо држел како заложници двајца затворски чувари, и е повреден кога го совладале другите припадници на затворската полиција во затворот во близина на Магдебург, соопштија властите во вторникот.
Триесетгодишниот Штефан Балиет, еден час ги држел во заложништво двајцата вработени во затворот во понеделникот во 21 часот, потврди во вторникот германското министерство за правосудство. Притоа се истакнува дека затворските чувари не се повредени.
Засега не е познато како тоа му успеало на Балиет, а поради инцидентот била започната голема полициска операција. Покрената е истрага во затворот во кој се сместени повеќе од 600 осуденици.
Балиет на 9-ти октомври 2019 година, на еврејскиот празник Јом Кипур, најсветиот ден во јудејскиот календар, се обидел насилно да влезе во синагогата во источниот германски град Хале, користејќи огнено оружје и експлозиви. Кога не успеал да ја отвори портата затворена поради безбедносни причини, убил две лица во близината, едно од неслужбеното обезбедувањето на храмот, а рани уште три во текот на бегството.
Го призна нападот во 2020 година и доби доживотна казна. Казната ја одлежува во модерен затвор со висока безбедност во сојузната покраина Саксонија Анхалт. Претходно за Балиет во медиумите се пишуваше дека не е подготвен за соработка и дека е тежок затворен.
Во текот на судењето пред две години Балиет се обиде да побегне од притворот во Хале кога во текот на времето на дневните вежби се искачи преку 3,4 метри високата ограда, но чуварите набрзо го совладаа.