Напаѓачот од Минхен наводно е австриски државјанин со потекло од БиХ

Напаѓачот кој во четвртокот беше убиен во размена на оган со полицијата во Минхен е австриски државјанин со потекло од Босна и Херцеговина и имал намера да изврши напад со исламистичка заднина врз израелскиот конзулат, јавуваат германските и австриските медиуми.

Според неколку медиуми, меѓу кои и Der Spiegel и Standard, кои се повикуваат на истражните органи, лицето кое во четвртокот наутро со долгоцевно огнено оружје нападна полициски чувар во близина на израелскиот конзулат во Минхен е 18-годишниот Емрах И., австриски државјанин со потекло од Босна и Херцеговина.

Тој на властите во Австрија им е познат како исламист веќе подолго време. На неговиот мобилен телефон бил пронајден и пропаганден материјал на ултрарадикалната сунитска организација Исламска држава.

Во Минхен пристигнал со сопствен автомобил од Салцбург, каде што живее. Откако стигнал во близина на израелскиот конзулат, тој излегол од својот автомобил и со пушка отворил оган кон полицајците кои биле пред зградата на Центарот за документација на националсоцијализмот, кој се наоѓа веднаш до зградата на конзулатот во центарот на баварската метропола.

Во размената на оган што следела, напаѓачот бил погоден од неколку истрели и починал на лице место.

Израелскиот конзулат беше затворен во четвртокот по повод годишнината од терористичкиот напад врз израелските спортисти на Олимписките игри во Минхен во 1972 година.

По нападот, полицијата го блокирала центарот на Минхен во потрага по можни други напаѓачи, но по неколку часа соопштила дека нема понатамошна опасност.