Напаѓачот во Магдебург имал историја на закани

Германските власти во понеделникот објавија детали за претходните закани од напаѓачот кој со автомобил влета во луѓето на божикниот базар во Магдебург, при што уби петмина.

Според Министерството за правда во сојузната покраина Мекленбург-Западна Померанија, осомничениот Талеб Џавад ал-Абдулмохсен се заканил дека ќе изврши насилство во два наврата пред нападот на 20-ти декември, во кој загинаа пет лица, а околу 230 беа повредени.

Наводно, гневен поради бавното спроведување на неговото барање да се подложи на специјалистички испит, лекарот во април 2013 година во телефонски разговор со вработен во лекарската комора му се заканил дека ќе се случи нешто што ќе привлече меѓународно внимание.

„Ја прашал вработената дали ги видела фотографиите од Бостон. Такво нешто ќе се случи и овде“, рекол тој, како што информираат од министерството.

Ден претходно, на 15 април, три лица загинаа, а 260 беа ранети во бомбашки напад на маратонот во Бостон.

По таа закана, бил претресен неговиот стан, но не било пронајдено оружје, други опасни предмети или материјали за правење бомби.

Подоцна, ал-Абдулмохсен напишал писмо до главниот јавен обвинител во август 2015 година во кое се вели: „Чисто од постмодерна филозофска гледна точка, вие сте валкана бактерија која наскоро ќе биде уништена за да се заштат Германците од вашата опасност“.

Германската влада, обвинета за пропусти по фаталниот напад со автомобил на божикниот базар во Магдебург, во понеделникот ја истакна „патолошката психа“ на наводниот саудиски сторител.

Неколку часа испрашувана пред парламентарната комисија, министерката за внатрешни работи Ненси Фезер потврди дека сегашните истраги „сѐ уште не даваат јасна слика“ за „мотивот на сторителите“. Сепак, таа ги истакна „илјадниците изјави“ што ги давал Талеб Џавад ал-Абдулмохсен низ годините на социјалните мрежи, кои даваат „знаци на патолошка психа“.

Германската јавност од 20-ти декември го поставува прашањето за причините кои го натерале овој 50-годишен саудиски лекар, кој дошол во Германија во 2006 година, да влета во масата луѓе на божикниот базар со моќното БМВ кое се движело со голема брзина.