Иранскиот министер за надворешни работи во средата во Давос изјави дека нападите на ткн „Оската на отпорот“ врз Израел и неговите интереси ќе завршат доколку заврши војната во Појасот Газа, предупредувајќи дека конфликтот може да ги влоши тензиите на Блискиот исток.
„Завршувањето на геноцидот во Газа ќе доведе до крај на воените акции и кризи во регионот“, рече Хосеин Амирабдолахиан на Светскиот економски форум во Давос.
„Безбедноста на Црвеното Море е поврзана со развојот на ситуацијата во Газа и сите ќе страдаат ако израелските злосторства во Газа не престанат… Сите фронтови (на отпорот) ќе останат активни“, додаде шефот на иранската дипломатија.
Американскиот претседател Џо Бајден во петокот ги нарече јеменските Хути „терористи“ откако американски и британски воени авиони, бродови и подморници извршија десетици ноќни воздушни напади врз Јемен.
Хутите, кои напаѓаат бродови во Црвеното Море кои пловат или се сопственички поврзани со Израел, во знак на солидарност со Палестинците, се заканија дека „ќе одговорат силно и ефективно“.
Амирабдолахиан, исто така, рече дека Техеран споделува разузнавачки информации со Ирак за активностите на Мосад во Ирачки Курдистан, откако во Багдадд изразија сомневање дека таков центар воопшто постои. Иран објави дека нејзината Револуционерна гарда нападнала штаб на израелски шпиони во Ербил во понеделникот.