Нападнат претседателот на бугарското здружение „Шемето“, бугарски медиуми тврдат дека е поради тоа што бил Бугарин

Претседателот на Здружението на Бугарите во Македонија „Шемето“, Бекир Кадриески, денеска наводно бил претепан од непознато лице во градот Струга.

Ова се случило пред околу еден час, потврдил самиот Кадриески за бугарскиот портал НОВА.

Тој изјавил дека бил соборен на земја и бил клоцан. Бил удиран и со раце, а навредуван бил по етничка основа со зборовите „валкан Бугарин“.

Инаку, како што објави НОВА, Кадриески е државјанин на Република Северна Македонија. Тој не поседува бугарски пасош, но изјавува дека има бугарски идентитет.

Експресна реакција по инцидентот пристигна и од бугарската политичка партија ГЕРБ:

„Сведоци сме на уште еден брутален чин на насилство врз државјанин на Република Северна Македонија со бугарски идентитет. Претседателот на здружението на Бугарите ‘Шемето’, Бекир Кадриески, е тешко претепан во градот Струга. Силно ја изразуваме нашата огорченост и го осудуваме овој последователен чин на неиспровоцирано насилство врз нашиот сонародник. Доколку се потврдат информациите дека претепувањето на Кадриески било проследено со зборовите ‘валкан Бугарин’, тогаш тоа што се случило ќе претставува опасен релапс и преку сите можни меѓународни канали ќе бараме делото детално да се истражи и виновниците да бидат целосно казнети“, се вели во ставот на ГЕРБ.

Потврда за инцидентот пристигна и од СВР-Охрид.

„На 13.06.2023 година во 12.15 часот, во ОВР Струга пријавено е дека, во близина на спортска сала лоцирана на улицата Боро Хаџиески во Струга, А.Н. од струшкото село Велешта го нарушил јавниот ред и мир со физички напад врз Б.К.од селото Лабуништа. Се преземаат мерки за расчистување на настанот по што, ОВР Струга ќе поднесе соодветна пријава“, се вели во полицискиот билтен.