Бомбаш-самоубиец изврши денеска напад врз канцелариите на курдската служба за безбедност во Североисточна Сирија. Загинале најмалку 11 лица, соопшти Сирискиот центар за набљудување на човековите права.
Цел на нападот, извршен во градот Камишли, биле канцеларии на Асаиш, служба за внатрешна безбедност, формирана од автономните курдски власти во Северна Сирија.
Курдски претставници засега не можат да го потврдат бројот на жртвите.
Напаѓачот бил од „Исламска држава“ и разнел автомобил-бомба пред штабот на курдските сили за безбедност во Камишли, при што бројот на загинати е најмалку 11 лица, a повеќе од 40 се повредени.
Месечно околу седум француски џихадисти гинат на боиштата во Сирија
Според француското Министерство за внатрешни работи, од почетокот на војната во Сирија на боиштата во оваа земја заминале 910 Французи, од кои 126 или секој седми, загинале, јави дописникот на МИА од Париз.
Француските медиуми јавија дека меѓу загинатите во Сирија се наоѓа и Омар Дијаби, кој се смета за еден од главните протагонисти при регрутирање на џихадистите во Франција, кој го загубил животот на 7 август.
Според податоците со кои располагаат француските власти, смртноста на француските џихадисти „експлодирала“, зголемувајќи се за 280 отсто од јули 2014 година, па просечно седум џихадисти ги губат животите секој месец.
Оваа смртност на Французите се објаснува со нивното напредување во хиерархијата на групата Исламската држава (ИД) и нивното учество во директна борба во Сирија, со што се зголемуваат ризиците да бидат убиени.