Нападот на Иран врз Израел е вистинска закана и САД ќе го бранат Израел, порача Белата куќа

Наводниот неизбежен напад на Иран врз Израел е реална и веродостојна закана, соопшти во петокот Белата куќа, повторувајќи дека Соединетите држави сериозно ја сфаќаат својата посветеност на одбраната на Израел.

Портпаролот на Советот за национална безбедност во Белата куќа, Џон Кирби, додаде дека САД, во сконтекстот на заканата од Техеран, ја преиспитуваат силата и подготвеноста на сопствените воени сили во регионот и дека го следат развојот на ситуацијата многу внимателно.

Американски официјални лица потврдија за катарската телевизија Al Jazeera во четвртокот дека САД може да интервенираат за да му помогнат на Израел да се одбрани од ирански ракетен напад.

Израел, во меѓувреме, непнато исчекува напад од Иран или од шиитските милиции во регионот кои тесно соработуваат со Техеран, имајќи ги предвид иранските закани за одмазда поради израелскиот напад врз иранската амбасада во сириската престолнина Дамаск, во кој загина висок ирански командант, член на Иранската национална гарда (IRCG), како уште неколку ирански воени лица советници на војската на сириската влада.

Бидејќи според меѓународното право дипломатските мисии уживаат екстериторијалност, односно припаѓаат на странската земја, Иран порача дека нападот врз неговата амбасада во Дамаск претставува напад врз иранска територија и вети сигурна одмазда. Меѓутоа, иранските функционери истакнаа дека за тоа кога, каде и како ќе биде изведен одговорот, ќе реши Техеран.

Некои земји, вклучително и Индија, Франција и Русија, ги предупредија своите граѓани да не патуваат во регионот, кој седум месеци е во војна меѓу Израел и Хамас.

Израелската армија во четвртокот објави дека не издала никакви нови инструкции за цивилите, но дека нејзините сили се во состојба на готовност и подготвени за сите сценарија.

Израел не ја презеде одговорноста за воздушниот напад на 1. април во кој беше убиен генерал-мајор Мохамед Реза Захеди, но ајатолахот Али Хамнеи го обвини Израел и рече дека „мора да биде казнет и ќе биде казнет“, откако израелката војска веќе со деценија изведува такви удари врз ирански интереси во Сирија./

„Ќе биде многу тешко Иран да не возврати. Сè уште верувам дека Иран не сака да влезе во целосен, директен воен конфликт со Израел, и секако не со САД, но мора да направи нешто“, вели за Reuters Раз Зимт од Израелскиот институт за национални безбедносни студии.

Бидејќи Иран го гледа нападот во Дамаск како напад на сопствена територија, Зимт верува дека директен напад на израелска територија од Иран, а не од неговите сојузнички вооружени групации и милиции, како либански Хезболах, е реална можност. Зимт, исто така, смета дека не треба да се исклучи ризикот од израелска одмазда против самиот Иран.