Нападот врз полицајците во БиХ оквалификуван како тероризам

Нападот во кој малолетник со нож уби еден полицаец и рани друг во северозападниот дел на Босна и Херцеговина е окарактеризиран како тероризам.

„Обвинителството оцени дека во тој настан има елементи на тероризам. Истрагата ќе ги утврди причините и мотивите“, изјави за локалните медиуми во Босна и Херцеговина, Аднан Бегановиќ, портпарол на Министерството за внатрешни работи на Унско-санската жупанија.

На улиците на Босанска Крупа, каде синоќа малолетник влегол со нож во полициската станица и убил еден полицаец а друг тешко ранил, распоредени се тешко вооружени полицајци.

Веднаш потоа е уапсен малолетникот С.Е.(2009). Против него се води кривична истрага.

Министерот за внатрешни работи на Унско-санската жупанија, Аднан Хабибија, го изрази своето „запрепастување“ бидејќи нападот го извршил четиринаесетгодишник.

„Зачудувачки е што се работи за малолетник кој има само 14 години и се дрзнал да ги нападне полицајците во самата полициска станица“, изја Хабибија.

Министерот за внатрешни работи на Федерацијата Босна и Херцеговина, Рамо Исак, изјави дека ќе се преземат мерки за подигање на безбедноста во целиот ентитет на повисоко ниво.

„Единствено што можеме да им кажеме на граѓаните е дека полицијата ќе направи сѐ за да ја доведе безбедноста на подносливо ниво“, рече Исак.